Блог

Македонски или „северномакедонски“ – како сега се вика правилно јазикот?

Во Германија често ме прашуваат дали сѐ уште постои македонски јазик, зарем сега не се вика северномакедонски“?

Јазикот и понатаму се вика македонски јазик. Не постои јазик што се вика „северномакедонски“.

На 12 февруари 2019 г. стапи на сила Преспанскиот договор. Договорот содржи одредба со која се утврдува јазикот. Член 1 став (3) алинеја в) во врска со член 7 став (3) одредува дека официјалниот јазик е македонскиот јазик.

Што друго, покрај јазикот, смее да се нарекува „македонски“, „македонска“, „македонско“?

Во принцип речиси сѐ што е во врска со Република Северна Македонија.

Преспанскиот договор во член 1 став (3) алинеја ѓ) ги содржи следните ограничувања: Кога се однесува на државата, нејзините официјални органи и други јавни институции, наместо придавката „македонски“ се користи придавна форма „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Никогаш „северномакедонски“. Додека пак, владата е „влада на Република Северна Македонија“ и употребата на поимот „македонска влада“ е погрешна според Преспанскиот договор.

Во секој друг контекст употребата на „македонски“ е изрично дозволена. Тоа произлегува од член 7 став (3) со кој се уредува што може да се нарекува „македонски“ во врска со Република Северна Македонија:

„Во однос на Втората страна [Република Северна Македонија] овие термини [Македонија, македонски] ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство, кои се особено различни од оние наведени во член 7 став (2)*.“

Од ова произлегува дека нема потреба за придавка како „северномакедонски“. Правилно е: македонско јадење, македонско вино, македонска музика, македонски планини.

Исто така и државјанството на граѓаните на Република Северна Македонија смее да се нарекува и понатаму македонско, согласно член 1 став (3) алинеја б) во врска со член 7 став (4).

Оттука следи дека јас и понатаму зборувам и пишувам на македонски јазик, за Вас вршам толкување и преведување на и од македонски јазик.

______

* Во смисла на потполноста на напишаното, во прилог е и текстот на член 7 став (2) од Преспанскиот договор, на којшто упатува гореспомнатиот член 7 став (3):

„Во однос на Првата страна [Хеленската Република] овие термини [Македонија, македонски] ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.“